Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување Узуновски отвори еден сосема инаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини“, Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работеше и живееше на италијанскиот остров Капри. Најрадикалните уметнички пробиви Симон Узуновски ги оствари во втората половина на 70-тите години со реализација на редица изложби, акции и партиципативни просторни инсталации, како тие во аулата на Филозофскиот факултет (1977 и 1978 година) во рамките на активноста на Естетичката лабораторија, потоа во галеријата „Кора“ (1977 година), уличната акција (1977 година) и легендарната изложба/инсталација во подрумскиот простор на улицата „Максим Горки“ (1978 или 1979 година). Во 1984 година учествува на изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“, одржана во Домот на младите „25 Мај“, Скопје. Истата година ја реализира својата самостојна изложба/амбиентална инсталација во Домот на младите „25 Мај“. Во 1994 во Музејот на град Скопје е прикажано неговото дваесетгодишно творештво, а во 1995, 1996 и 1997 година учествува на изложбите во Чифте амам. Од 2003 година зачестува неговото присуство во Музејот на современата уметност кога е дел од проектот „Идеја-тека“ (Избор на документи од концептуалниот дискурс во Македонија), „Невидливиот пејзаж“ 2013 година, „Солидарноста – недовршен проект“ (постојаната поставка), 2014 година и „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-тите и во 80-тите“, 2020 година. Со својата неуморна енергија, подготвеноста за акција и отвореноста кон вклучувањето во современите уметнички текови Узуновски и во изминтите години беше присутен во алтернативните пробиви на дел од помладите генерации уметници собрани околу неформалното колективно дејствување, иницијативата „Кооперација“ и нивната активност свртена кон критика на институционалната и идеолошки и политички детерминирана културна политика.